По големата победа на ПСЖ во финалето на Лигата на шампионите, улиците на Париз се претворија во сцени на хаос и насилство. Наместо мирно славје, дел од навивачите предизвикаа сериозни нереди кои траеја до раните утрински часови.
Во повеќе делови од градот беа запалени автомобили, фрлани пиротехнички средства и регистрирани судири со полицијата. Според француските власти, низ земјата биле уапсени повеќе од 400 лица, од кои најголемиот број во Париз.
Во инцидентите биле повредени неколку лица, меѓу кои и полициски службеници. Полицијата интервенирала на повеќе локации за да спречи понатамошно ширење на насилството и обиди за грабежи.
На познатата авенија Шанзелизе се собрале десетици илјади луѓе, додека безбедноста ја обезбедувале голем број полициски сили и специјални единици. Немири биле пријавени и во други француски градови, каде што дошло до оштетување на имот и судири меѓу навивачи и полицијата.
И покрај тензиите, безбедносните служби успеале да ја стават ситуацијата под контрола, а истрагите за инцидентите продолжуваат. Победата на ПСЖ остана во сенка на една од најбурните навивачки ноќи во Франција во последните години.








