Силни горештини, а потоа нагла промена на времето предизвикаа вистински хаос на лондонските аеродроми, каде што повеќе од 600 летови доцнат или се откажани.
Според податоци од системот FlightAware, на аеродромот Хитроу се одложени најмалку 367 летови, додека на Гетвиксе регистрирани 352 доцнења. Кај дел од летовите, доцнењата достигнуваат и до шест часа, што предизвика голем метеж и незадоволство кај патниците.
Британската служба за контрола на воздушниот сообраќај НАТС соопшти дека нарушувањата во авиосообраќајот најверојатно ќе продолжат до крајот на денот. Како главна причина се наведуваат грмотевични бури кои следеа по период на екстремни горештини.
Европската организација за безбедност на воздушната пловидба Eurocontrol предупреди дека Хитроу и Гетвик се единствените два аеродрома во Обединетото Кралство со сериозни проблеми во воздушниот сообраќај поради невремето.
Во исто време, на Гетвик се воведени привремени ограничувања во контролата на летови, а повеќе авиокомпании се принудени да ги менуваат своите распореди. easyJet упати извинување до патниците, додека British Airways соопшти дека е приморана да го прилагоди распоредот поради лошите временски услови.
Метеоролошката служба Met Office задржа портокалово предупредување за екстремни горештини во делови од источна и југоисточна Англија, а истовремено најави нови нестабилни временски услови со грмотевици.
Патниците се советуваат пред патување задолжително да ја проверат состојбата на летовите кај своите авиокомпании, бидејќи се очекува доцнењата да продолжат и во текот на денот.








