Европа и понатаму се соочува со сериозни последици од екстремните временски услови. Иако во некои делови топлотниот бран привремено ослабе, големи пожари, суша и силни бури продолжуваат да предизвикуваат проблеми низ повеќе држави.
Во североисточна Шпанија, повеќе од илјада жители беа евакуирани поради голем шумски пожар кој зафатил над 12.000 хектари. Во гаснењето се вклучени стотици пожарникари, воени единици, авиони и хеликоптери. Метеоролозите предупредуваат дека во наредните денови температурите повторно ќе се искачат до 44 степени, што дополнително ќе го зголеми ризикот од нови пожари.
Сериозни последици се бележат и во Франција, каде сушата создава проблеми за енергетскиот сектор, додека во Германија нискиот водостој на Рајна го отежнува транспортот. Во меѓувреме, делови од Франција и Германија беа погодени од силни бури, при што загинаа неколку лица од паднати дрвја и удар од гром.
Пожари сè уште беснеат и во Националниот парк Мириц во Германија, а во Грција властите воведоа дополнителни мерки за заштита поради високата опасност од нови огнени стихии.
Светската здравствена организација предупредува дека екстремните горештини претставуваат сериозна закана за здравјето. Според нивните проценки, последниот топлотен бран во Европа бил поврзан со речиси 10.000 дополнителни смртни случаи, поради што се бараат поодлучни мерки за справување со последиците од климатските промени.









