Пронаоѓањето паркинг во поголемите грчки градови не е лесна задача, а многу туристи несвесно прават прекршок затоа што погрешно толкуваат еден сообраќаен знак.
Станува збор за знакот за забрана на паркирање со една или две вертикални линии во средината. Иако на прв поглед изгледа исто како во други земји, во Грција неговото значење е различно.
Знакот со една вертикална линија означува дека на таа страна од улицата не смее да се паркира во непарните месеци – јануари, март, мај, јули, септември и ноември.
Од друга страна, знакот со две вертикални линии важи за парните месеци – февруари, април, јуни, август, октомври и декември.
Овие знаци најчесто се поставуваат на двете страни од улицата, бидејќи поради тесниот коловоз паркирањето е дозволено само на една страна во одреден период од годината.
Доколку возачите не ги почитуваат овие правила, следува казна од 40 евра за непрописно паркирање.

За разлика од Грција, во повеќето европски земји, како и во Македонија, кога ваквите знаци се користат, тие се однесуваат на парни и непарни денови, а не на месеци. Токму затоа, туристите кои патуваат со автомобил треба внимателно да ги читаат локалните сообраќајни знаци за да избегнат непотребни казни.








