ПРВ.мк
Свет

АВИОХАОС ВО ЕВРОПА: Утре се откажуваат речиси сите летови – илјадници патници погодени!

АВИОХАОС ВО ЕВРОПА: Утре се откажуваат речиси сите летови – илјадници патници погодени!

Белгија утре, 23 ноември, ќе се соочи со сериозен прекин на авионскиот сообраќај поради национален штрајк на кој ќе му се приклучат и контролорите на летање.

Според најавите, речиси сите летови во земјата ќе бидат откажани, а илјадници патници ќе се соочат со промени во своите планови за патување.

Белгиската компанија за контрола на воздушниот сообраќај „Skeyes“ соопшти дека во понеделник, од 7 до 21 часот, нема да може да обезбедува редовни услуги поради недостиг од персонал.

Сепак, ќе продолжат неопходните услуги за итни случаи и летови поврзани со безбедноста.

Најголемиот белгиски аеродром во Брисел најави откажување на поголемиот дел од пристигнувањата и заминувањата, додека аеродромот Шарлроа ќе го прекине целиот авионски сообраќај во текот на денот.

Од управата на Шарлроа предупредија дека одлуката на контролорите да се приклучат на штрајкот во последен момент ќе има „катастрофални последици“.

Проблемите нема да ги погодат само патниците кои патуваат од Белгија, туку и оние кои имаат поврзувачки летови преку белгиските аеродроми.

Националниот штрајк е организиран како протест против мерките за штедење на владата на премиерот Барт де Вевер, која планира во следните години да ги намали државните трошоци за 10 милијарди евра.

Политичката состојба дополнително се усложнила откако премиерот претходно понудил оставка поради несогласувањата околу буџетот, но белгискиот крал Филип не ја прифатил.

На сите патници кои утре треба да патуваат кон, од или преку Белгија им се препорачува задолжително да го проверат статусот на летот кај својата авиокомпанија пред да тргнат кон аеродром.