Бројот на загинати во бурата Кристин, која ја погоди Португалија, се искачи на пет лица, а бројот на корисници без електрична енергија достигна околу еден милион. Од полноќ се регистрирани повеќе од три илјади интервенции, соопшти денеска португалската Цивилна заштита.
Истовремено, во рамки на истата бура, во Шпанија животот го загуби една жена.
Околу еден милион корисници беа погодени од прекин на електричната енергија, а според последниот извештај, 529.000 домаќинства сè уште се без струја.
Цивилната заштита на Португалија наведува дека од полноќ имало над 3.000 интервенции, а најпогодени региони се Леирија, Коимбра, Лисабон, Сетубал и Оесте, пренесува португалски „Еуроњуз“.
Според податоците на Португалскиот институт за метеорологија (IPMA), најсилните налети на ветер достигнале брзина до 150 километри на час и биле регистрирани во централниот дел на земјата.
Поради паднати дрвја и други пречки, сообраќајот бил сериозно отежнат, а дел од железничките линии, вклучувајќи ја и врската меѓу Порто и Лисабон, привремено биле прекинати.

















