Американските власти отворија нов фронт во борбата против сајбер криминалот, откако Министерството за правда поднесе обвинение против тројца руски државјани кои се сомничат дека им обезбедувале инфраструктура на хакерски групи што напаѓале болници, училишта и финансиски институции низ САД.
Според обвинението, нападите предизвикале штета проценета на околу 62 милиони долари, а обвинетите наводно биле дел од мрежа која им помагала на киберкриминалците да ги сокријат своите активности од органите на прогонот.
Станува збор за таканаречени „булетпруф хостинг“ услуги – специјализирани интернет услуги кои им овозможуваат на хакерите да користат сервери и инфраструктура дизајнирана така што потешко се открива и гасне.
Американските обвинители тврдат дека Русите Александар Волосовик и Кирил Затолокин управувале со ваков сервис од канцеларија во Санкт Петербург, додека како дел од наводниот криминален заговор е обвинета и Јулија Панкова.
Тројцата се товарат за дела поврзани со електронска измама и перење пари.
Според Министерството за правда на САД, компанијата „Медиа ленд“, основана во Русија во 2015 година, обезбедувала услуги за повеќе криминални групи кои стоеле зад бројни сајбер напади врз различни цели.
Поради сериозноста на случајот, американскиот Стејт департмент понуди награда до 10 милиони долари за информации што би помогнале во откривање на компанијата и нејзините раководители.
Американските и европските безбедносни служби, според нивните тврдења, со години ги следеле активностите на Волосовик, Затолокин и Панкова.
ФБИ предупредува: Сајбер криминалците ќе бараат нови засолништа
Откако американското Министерство за финансии воведе санкции против дел од лицата поврзани со „Медиа ленд“, биле објавени и дополнителни информации за нивната активност.
Помошник-директорот на одделот за киберкриминал при ФБИ, Брет Ледерман, изјави дека американските власти ќе следат дали акцијата против оваа инфраструктура ќе ги натера хакерите да се префрлат кон други слични сервиси.
„Ќе анализираме каде би можеле да се пренасочат и какви можности ќе имаат органите на прогонот за нивно таргетирање“, изјавил Ледерман.
Експертите за сајбер безбедност ваквите сервиси ги опишуваат како еден од главните елементи што им овозможуваат на криминалните групи да функционираат.
Мајкл Деболт, директор во компанијата за сајбер разузнавање „Интел471“, ги нарече ваквите провајдери „гориво за подземниот свет на киберкриминалот“.
Западот засилува акции против хакерските групи
ФБИ, Тајната служба на САД и други агенции веќе подолго време спроведуваат операции против групи кои преку сајбер напади изнудуваат огромни суми пари од компании и институции.
Иако претходно се разгледувала можноста за ограничување или забрана на плаќањето откуп при хакерски напади, идејата била отфрлена поради можните последици за дел од жртвите.
Американските власти велат дека, поради тоа што дел од хакерските групи продолжуваат да дејствуваат од територии каде имаат одредена заштита, стратегијата е насочена кон уништување на нивната техничка инфраструктура.
Овој случај доаѓа во период кога западните држави спроведуваат повеќе акции против руски криминални и државно поддржани хакерски мрежи.
Велика Британија и Европската Унија неодамна обвинија руски разузнавачки структури за обиди за сајбер напади врз критична инфраструктура, додека холандските служби предупредија на активности на руски хакери кои наводно пробивале безбедносни системи низ Европа.
Од ФБИ велат дека бројот на руски сајбер напади повторно е во пораст во последниот период и дека американските институции ќе продолжат да ги следат и напаѓачите и инфраструктурата што им овозможува да дејствуваат.









