ПРВ.мк
Свет

АЛАРМАНТНИ БРОЈКИ: Над 100 смртни исходи пријавени кај лекови за слабеење, илјадници пациенти пријавиле несакани реакции!

АЛАРМАНТНИ БРОЈКИ: Над 100 смртни исходи пријавени кај лекови за слабеење, илјадници пациенти пријавиле несакани реакции!

Лековите за слабеење кои во последните години станаа исклучително популарни се најдоа под зголемено внимание во Велика Британија, откако нова анализа покажа голем број пријави за несакани реакции кај корисници.

Според податоците од британската Агенција за лекови и здравствени производи (MHRA), анализирани од „The Times“, во земјата се регистрирани околу 150.000 пријави поврзани со несакани ефекти од овие терапии.

Најголем број пријави се однесуваат на лекот Mounjaro (тирзепатид), каде биле евидентирани 100.810 случаи на несакани реакции. Во рамките на овие пријави, 98 случаи вклучувале смртен исход.

Кај Wegovy (семаглутид) биле пријавени 44.073 несакани реакции и 37 случаи со смртен исход, додека кај Saxenda (лираглутид) биле регистрирани 3.021 пријава и 18 смртни исходи.

Најчесто пријавуваните проблеми се однесувале на дигестивниот систем, односно гастроинтестинални несакани реакции.

Сепак, од MHRA нагласуваат дека самото пријавување на смртен исход не значи дека лекот директно бил причината за смртта. Според агенцијата, кај дел од случаите можеле да постојат и други здравствени фактори кои влијаеле врз исходот, а исто така една личност може да поднесе повеќе пријави.

Дополнително внимание предизвикале и случаите на акутен панкреатитис – воспаление на панкреасот, поради што британската агенција претходно ги ажурирала предупредувањата за овие лекови. До тој момент биле евидентирани 1.143 случаи, од кои 17 завршиле со смртен исход.

И покрај бројките, здравствените власти посочуваат дека овие лекови за најголем дел од пациентите се сметаат за безбедни и ефикасни кога се користат правилно и под медицински надзор.

Лекарите предупредуваат дека пациентите не треба сами да започнуваат или прекинуваат терапија, а при појава на силна и постојана болка во стомакот, особено ако е проследена со гадење и повраќање, неопходно е веднаш да побараат медицинска помош.