Новиот врховен водач на Иран, Моџтаба Хамнеи, упати жестока порака во која најави дека ќе биде извршена одмазда за убиството на неговиот татко, ајатолахот Али Хамнеи, за кое Техеран ги обвинува Соединетите Американски Држави и Израел.
Во соопштение објавено преку иранската државна новинска агенција „Фарс“, Хамнеи наведе дека одмаздата е барање на целата нација и дека таа сигурно ќе се случи.
„Одмаздата за неговата крв и крвта на сите маченици од двете војни ќе биде реализирана“, се наведува во пораката упатена до починатиот лидер. Во неа се додава дека оние кои се одговорни за убиствата нема да можат да го избегнат последиците од своите постапки.
Според соопштението, исполнувањето на ова ветување ќе се случи наскоро и не зависи од моменталното присуство на новиот врховен водач или други високи функционери во иранското раководство.
Оваа изјава од Техеран пристигнува неколку часа откако американскиот претседател Доналд Трамп предупреди дека Иран би можел да биде целосно уништен доколку се обиде да го убие.
Претходно, израелски разузнавачки извори ја информирале администрацијата на Трамп за наводни закани за атентат врз американскиот претседател. Според дел од изворите, таквите закани се поврзуваат со тврдокорни кругови во иранското раководство.
Сепак, двајца американски воени претставници запознаени со ситуацијата изјавиле дека актуелните разузнавачки проценки не покажуваат докази за конкретен нов заговор за убиство на Трамп, туку дека станува збор за пошироки изјави и разговори меѓу различни ирански актери.
Моџтаба Хамнеи сè уште нема направено јавно појавување откако ја презеде функцијата врховен водач. Според информациите што кружат, тој бил повреден во нападот во февруари, во кој биле убиени неговиот татко, мајка и сопруга, а оттогаш се наоѓа надвор од очите на јавноста.
Новиот лидер комуницира со своите приврзаници преку писмени пораки, без јавно да го покаже лицето или да се обрати со својот глас. Последната порака е една од ретките што се објавени по неговото преземање на највисоката политичка и верска функција во Иран.








