Демократска Република Конго повторно се соочува со сериозна здравствена закана, откако најновите податоци покажуваат 246 сомнителни случаи на ебола и дури 80 смртни случаи поврзани со опасниот вирус.
Особена загриженост предизвикува фактот што активната варијанта „бундибуџо“ моментално нема достапна вакцина ниту специфичен третман, што ја прави оваа епидемија особено опасна.
Според здравствените власти, овој сој може да има смртност до 50 проценти, а раното откривање е дополнително отежнато бидејќи првичните симптоми често наликуваат на обична треска, што може да доведе до доцна дијагноза и побрзо ширење.
Епицентарот на новата епидемија е во регионот Итури, на североистокот на Конго – област со интензивна дневна миграција поради рударски активности и трговија, што значително го зголемува ризикот од понатамошно ширење.
Дополнителна тревога предизвикува и потврдениот смртен случај во соседна Уганда кај пациент кој пристигнал од Конго и бил заразен со истиот сој, што укажува на можност за прекугранично ширење.
Иако во изминатите години беа развиени вакцини и терапии за одредени видови на ебола, за „бундибуџо“ тие засега не се достапни, што ја става меѓународната здравствена заедница пред нов сериозен предизвик.
Ова е веќе 17-та епидемија на ебола во Конго од 1976 година, кога вирусот првпат беше идентификуван. Земјата и претходно беше погодена од катастрофални бранови, вклучително и епидемијата од 2018 до 2020 година, кога загинаа речиси 2.300 луѓе.
Светската здравствена организација предупредува дека еболата останува една од најсмртоносните заразни болести, со стапка на смртност која во различни епидемии достигнувала и до 90 проценти, што ја прави оваа нова појава особено сериозна закана за регионот и пошироко.







