Сите што планираат патување во Соединетите Американски Држави наскоро ќе се соочат со нови правила при аплицирањето за виза. Американските власти најавија дека проверките на социјалните мрежи ќе станат подетални и ќе опфатат повеќе категории визи.
Практиката да се бараат профили од Facebook, Instagram, TikTok, X (Twitter), YouTube и LinkedIn постои уште од 2019 година, но во 2026 година се проширува. Во дел од случаите кандидатите ќе мора да имаат јавни („public“) профили за време на процесот, а ќе се врши и подлабока анализа на нивната онлајн активност.
Фокусот е ставен на безбедносни ризици, политички содржини и можни екстремистички пораки. Експертите предупредуваат дека содржините објавени на интернет можат директно да влијаат врз одлуката за добивање виза – особено ако содржат говор на омраза, закани или сомнителни активности.
Овие промени се дел од засилените имиграциски политики и безбедносни проверки што се воведуваат по извршните наредби на администрацијата на Доналд Трамп.
Патниците кои планираат студирање, работа или туристичка посета на САД се советуваат внимателно да ги прегледаат своите јавни профили и да внимаваат на содржините што ги споделуваат.









