Министерството за одбрана на САД во петокот објави нова група претходно класифицирани документи поврзани со наводни видувања на неидентификувани летачки објекти (НЛО), кои американските власти денес ги нарекуваат „неидентификувани аномални феномени“.
Во објавените материјали се опфатени извештаи кои опишуваат различни необјаснети појави, меѓу кои зелени сфери, дисковидни објекти и огнени топки забележани во близина на воени објекти во САД. Документите се дел од поширок процес на декласификација што американската администрација го спроведува со цел поголема транспарентност околу долгогодишните мистериозни пријави.
Ова е втора ваква објава во текот на годината, откако првата серија документи беше објавена на 8 мај. Според Министерството за одбрана, новата објава содржи 222 документи, меѓу кои и обемно досие од 116 страници кое опфаќа истраги и пријави од периодот меѓу 1948 и 1950 година, спроведени во строго доверливиот објект Сандија.
Во тие записи се наведуваат вкупно 209 различни извештаи за забележани феномени, опишани како „зелени топки“, „дискови“ и „огнени топки“ во близина на воени инсталации. Од Пентагон наведуваат дека овие податоци со децении предизвикувале јавни шпекулации и интерес.
Министерот за одбрана Пит Хегсет изјави дека е време јавноста да добие пристап до овие информации, со цел самостојно да ги види досегашните документи и материјали. Владата на САД веќе со децении постепено објавува вакви податоци, процес кој започнал кон крајот на 1970-тите, а се засилил во последните години по сведочења на воени пилоти и појавување на видео снимки од воени летала.
И покрај новите објави, експертите наведуваат дека досега нема цврсти докази кои би потврдиле постоење на вонземска технологија или живот.






