Апокалиптични сцени го потресуваат Тексас – реката Гвадалупе излезе од своето корито, носејќи се пред себе куќи, автомобили и животи. Според најновите информации, животот го загубиле најмалку 82 лица, меѓу кои 28 деца кои престојувале во летниот камп „Мистик“. Над 850 луѓе се спасени, а 45 се водат како исчезнати, додека федералните служби не престануваат со потрагата.
Очевидци зборуваат за хаос, паника и борба за опстанок. Еден од преживеаните, Рики Гонзалез, опишува како за само неколку минути нивната улица била целосно потопена, додека низ социјалните мрежи кружат вознемирувачки видеа што ја прикажуваат брзината и моќта на водената стихија.
„Мислев дека нема да преживеам… ѝ се збогував на сестра ми преку ФејсТајм“, раскажа Гонзалез со треперлив глас.
На теренот се ангажирани над 100 спасувачи, специјални единици, хеликоптери и волонтери – операција каква што САД одамна не виделе.
Претседателот Доналд Трамп го посети Тексас и потпиша проглас за голема катастрофа, најавувајќи дополнителна федерална помош:
„Нашата крајбрежна стража и тимовите за итна интервенција спасија над 850 животи. Бог да го благослови Тексас и сите погодени семејства.“
Заменик-гувернерот Ден Патрик предупреди дека бројот на жртви најверојатно ќе расте, додека се очекуваат и нови врнежи и поплави.
Тексас се наоѓа во состојба на вонредна алармантна ситуација, а секој нареден час е клучен за спас на животите кои сè уште се заглавени во водената катастрофа.