Австралиската авиокомпанија Квантас го избра Лондон како прва дестинација за најдолгиот комерцијален лет во светот, кој ќе трае до 22 часа и без прекин ќе ги поврзува Сиднеј и британската престолнина.
Продажбата на билетите ќе започне во февруари 2027 година, а првите летови се планирани за октомври истата година. Линијата е дел од проектот „Sunrise“, кој подоцна ќе биде проширен и со директни летови до Њујорк.
За овие ултрадолги релации ќе се користат специјално модифицирани авиони Airbus A350-1000ULR, со капацитет од 238 патници и можност за непрекинат лет до 22 часа.
Со новата линија, сегашното патување меѓу Сиднеј и Лондон, кое трае околу 24 до 25 часа со задолжително слетување во Сингапур, ќе се скрати на приближно 19 до 22 часа, во зависност од временските услови.
Од Квантас велат дека целта е да се надмине географската оддалеченост на Австралија и на патниците да им се понуди побрзо и поудобно патување без престои. Компанијата, сепак, признава дека проектот бара повеќемилијардни инвестиции и дека успехот ќе зависи од тоа дали патниците ќе бидат подготвени да платат повисока цена за директен лет.
Името „Sunrise“ потекнува од историските летови што Квантас ги изведувал за време на Втората светска војна, кога патувањата траеле толку долго што патниците можеле да видат две изгрејсонца за време на еден лет.








