Девет лица се повредени во силна експлозија на гас што се случила во текот на ноќта во виенската населба Флоридсдорф, при што целосно била уништена семејна куќа, а оштетени се и повеќе околни објекти и возила, јавуваат австриските медиуми.
Според првичните информации, експлозијата предизвикала огромна материјална штета – искршени прозорци, оштетени фасади и уништени паркирани автомобили во пошироката околина на улицата Карл-Бенц-Вег.
Австриската телевизија ORF јавува дека шест лица се здобиле со полесни повреди, додека две лица, меѓу кои и 25-годишна бремена жена, биле пренесени во болница на понатамошно лекување.
Најсериозно повреден е 93-годишниот сопственик на куќата, кој бил пронајден под урнатините во подрумот од специјални полициски единици со службени кучиња. Тој се здобил со тешки изгореници и е хоспитализиран на одделот за интензивна нега под полициски надзор.
Според одлука на австриското државно обвинителство, против него е издаден налог за апсење под сомнение дека намерно предизвикал опасност по живот и имот. Во тек е истрага за можни манипулации со инсталацијата за гас во куќата.
Полицијата соопшти дека истрагата укажува оти во објектот можеби биле намерно оштетени или изменети гасните цевки, што довело до експлозијата со големи последици.
Според австриските медиуми, осомничениот подолго време бил во судски спор со својот посинок околу имотот и правото на живеење во куќата, што дополнително ја комплицира ситуацијата. По настанот, постапката околу имотот и судскиот спор остануваат неизвесни, додека истрагата продолжува.









