ПРВ.мк
Свет

ЕВРОПСКА АВИОКОМПАНИЈА ПРЕКУ НОЌ ГИ ПРЕКИНА СИТЕ ЛЕТОВИ: „Ситуацијата е критична“

ЕВРОПСКА АВИОКОМПАНИЈА ПРЕКУ НОЌ ГИ ПРЕКИНА СИТЕ ЛЕТОВИ: „Ситуацијата е критична“

Норвешката авиокомпанија „Норс Атлантик Ервејс“ (Norse Atlantic Airways) ненадејно ги прекина сите летови поради сериозни финансиски проблеми, предупредувајќи дека ќе покрене стечајна постапка доколку итно не обезбеди дополнителни финансиски средства.

Компанијата, која оперира на долги релации меѓу Европа, САД и Азија, соопшти дека се наоѓа на работ на банкрот, само еден ден откако предупреди дека нејзината финансиска состојба е критична, пренесува „Гардијан“.

Една од причините за финансиските тешкотии е наглиот раст на цените на авионското гориво, кој значително ги зголемил оперативните трошоци.

Раководството на компанијата води разговори со потенцијални инвеститори за дополнително финансирање или преземање, но предупредува дека нема гаранции оти ќе биде пронајдено одржливо решение.

Планирале заштеда од 50 милиони долари

Авиокомпанијата е основана во 2021 година и располага со флота од 12 авиони „Боинг 787 Дримлајнер“.

Во обид да ја стабилизира финансиската состојба, компанијата започнала програма за намалување на трошоците, со која планирала да заштеди 50 милиони долари и да укине околу 75 работни места.

Седиштето било преместено од Норвешка во Летонија, а компанијата ја напуштил и нејзиниот основач и извршен директор Бјорн Торе Ларсен.

„Искрено им се извинуваме на патниците за непријатностите што ги предизвика оваа ситуација“, соопштија од авиокомпанијата.

Меѓу погодените линии се летовите од лондонскиот аеродром Гетвик кон Орландо, Бангкок и Кејптаун, како и планираните сезонски летови меѓу Манчестер и Тајланд.

Засега компанијата не прогласила банкрот, но нејзината иднина зависи од обезбедувањето итна финансиска поддршка.