Петкатната куќа во Бруклин, каде што пораснал легендарниот мафијаш Ал Капоне, е продадена за 5,82 милиони долари, пренесува „Њујорк Пост“. Имотот претходно беше понуден за 6,25 милиони долари и во меѓувреме помина низ обемни реновирања.
Ал Капоне, роден во Бруклин, живеел во оваа куќа на Гарфилд Плејс на почетокот на 1900-тите години. Токму тука, на 11-годишна возраст, се приклучил на озлогласената банда „Фајв Поинтс“, пред подоцна да го напушти домот и да замине во Чикаго – градот во кој ќе ја изгради својата криминална империја и ќе ја добие титулата „Јавен непријател број 1“.
Иако локацијата е историски поврзана со најпознатиот гангстер во САД, агентката Надија Бартолучи открива дека тоа не било пресудно за продажбата. На првите обиколки купувачите дури и не знаеле дека куќата е домот на Капоне – информацијата самите ја откривале подоцна.
„Сите ја сметале за неверојатно интересна“, изјави Бартолучи, која претходно ја продавала и куќата на проширеното семејство Капоне во истата улица.
Новата сопственичка, Минерва, која ја купи куќата во 2024 година, е само вториот сопственик по семејството Капоне. Таа ја трансформирала зградата, која сега располага со над 370 квадратни метри на пет нивоа, со четири спални, пет бањи и три тоалети.
Иако историскиот „фактор Капоне“ внесол дополнителна привлечност, Бартолучи нагласува дека клучни за купувачите биле квалитетот на соседството и пристапноста – што ја направило куќата уште поатрактивна за продажба.
















