Во напад со балистичка ракета врз американска воена база во Кувајт, во изминатите 24 часа се пријавени полесно повредени околу пет американски државјани, додека е причинета и значителна материјална штета, пренесуваат меѓународни медиуми.
Според информациите, иранска балистичка ракета од типот „Fateh-110“ била пресретната од противвоздушната одбрана на Кувајт, но делови од соборениот проектил паднале на базата „Али Ал Салем“.
Во инцидентот се оштетени две беспилотни летала MQ-9 „Reaper“, од кои едното е целосно уништено, а другото сериозно оштетено. Вредноста на овие летала се проценува на околу 30 милиони долари по единица.
Американската Централна команда засега не излегла со официјален коментар за настанот.
Според извори на „Блумберг“, нападот се случил во период кога се разгледуваат дипломатски напори за продолжување на примирјето меѓу страните, кое е во сила од април.
Во меѓувреме, од Вашингтон нема официјална потврда за нови чекори, иако се наведува дека разговорите за ситуацијата продолжуваат на високо ниво.







