Владимир Путин порача дека не сака војна со Европа, но е спремен за неа ако Европа сака конфликт со Русија. Изјавата доаѓа само неколку часа пред средбата со американскиот специјален пратеник Стив Виткоф, каде ќе се разговара за американскиот план за крај на војната во Украина.
Првичниот план имаше 28 точки, но по критиките од Киев и европските земји дека фаворизира Русија и ѝ дава премногу отстапки, беше ревидиран и намален во американско-украинските разговори во Женева. Путин истакна дека европските предлози за крај на војната се неприфатливи за Русија.
„Нема да се бориме со Европа, стопати го имам кажано тоа. Но, ако Европа сака да се војува со нас, ние сме спремни за тоа во овој момент“, рече Путин.
Во однос на учеството на Европа во мировните преговори, тој додаде: „Европа сама се повлече од европското решение. Европејците немаат мирна агенда. Наместо тоа, ги попречуваат напорите на САД за решавање на конфликтот“.
САД и Украина досега не ги објавиле измените на американскиот мировен план направени под притисок на Киев и неговите европски сојузници. Во меѓувреме, Русија не покажува намера да ги повлече максималистичките барања, вклучувајќи ја контролата врз целиот регион Донбас, додека нејзините сили продолжуваат бавно да напредуваат на фронтот долг 1.200 километри.

















