Јеменската бунтовничка група Хути соопшти дека денеска извела ракетни и напади со дронови врз, како што ги нарече, „чувствителни цели“ во Ријад, главниот град на Саудиска Арабија.
Тврдењето доаѓа откако саудиските власти во текот на ноќта издадоа предупредувања до населението поради можна воздушна опасност во Ријад и градот Ел Харџ, источно од престолнината.
На снимките и фотографиите направени во Ријад се гледал голем столб црн чад во близина на аеродромот, а во еден момент бил забележан и пламен зад објекти кои изгледале како резервоари за гориво. Новинар на „Ројтерс“ во Ријад претходно пријавил дека слушнал експлозии.
Хутите не прецизирале кои цели во Ријад биле нападнати, но соопштиле дека истовремено погодиле и објект на саудиската нафтена компанија „Арамко“ во Јанбу, на брегот на Црвеното Море. Јанбу е еден од значајните центри за извоз на нафта од Саудиска Арабија.
Од групата наведоа дека нападите биле изведени како одговор на претходен напад врз јеменската престолнина Сана.
Саудиските власти во моментот на објавувањето не ги потврдиле тврдењата на Хутите, ниту официјално соопштиле што го предизвикало чадот и пожарот забележан во близина на аеродромот.
Цивилната заштита на Саудиска Арабија во текот на ноќта испратила предупредувања на мобилните телефони поради можна опасност од воздушни напади во Ријад и Ел Харџ. Утрово било соопштено дека опасноста поминала.
Хутите, кои ја контролираат Сана и најнаселените делови на северен Јемен, во последниот период изведуваат напади врз цели во Саудиска Арабија. Тие ги насочуваат своите напади кон саудиски градови, енергетска инфраструктура и бродови во Црвеното Море.
Во петокот, воениот портпарол на Хутите, Јахја Сари, изјави дека групата спречила, како што тврдеше, „криминални обиди“ во Сана и за нив ја обвини Саудиска Арабија. Тој најави и одговор.
Хутите, кои имаат поддршка од Иран, исто така тврдат дека саудиското воено воздухопловство во последните денови извршило стотици напади врз нивни позиции. Овие тврдења не се независно потврдени.
Иранскиот секретар на Врховниот совет за национална безбедност, Мохсен Резаи, изјави за „Ал Џезира“ дека Техеран сака да заврши конфликтот меѓу Саудиска Арабија и Хутите. Тој додаде дека смета оти и Јемен е заинтересиран за постигнување договор со Ријад.
Во меѓувреме, Советот за безбедност на Обединетите нации во петокот најостро ги осуди продолжените напади на Хутите врз Саудиска Арабија. Во реакцијата се наведува дека меѓу погодените цели имало цивилна и енергетска инфраструктура и дека во нападите биле повредени цивили, меѓу кои и жени и деца.
Советот за безбедност на ОН ја осуди и „воената ескалација на Хутите во Јемен“, во услови на натамошно зголемување на тензиите во регионот.










