Две лица го загубија животот, а уште тројца се повредени во тешка сообраќајна несреќа што се случила синоќа на автопатот Куманово – Скопје, во близина на Агино Село.
Според информациите од СВР Куманово, несреќата била пријавена на 19 септември околу 21:35 часот. Сообраќајката се случила во правец кон Скопје, во атарот на село Агино Село, при што учествувале две патнички возила – „мерцедес“ со скопски регистарски ознаки, управуван од 65-годишниот М.М. од Скопје, и „опел корса“, исто така со скопски ознаки, управувана од 27-годишниот С.Н. од Скопје.
На местото на несреќата животот го загубиле двајца сопатници од „опел корсата“ – 49-годишниот В.Н. и 71-годишниот Л.М., двајцата од Скопје.
Во несреќата тешко телесно е повредена 48-годишната Л.Н., која исто така била сопатничка во „опел корсата“. Другите двајца повредени, 28-годишната Б.Н. и 27-годишниот С.Н. од Скопје, се здобиле со телесни повреди и биле пренесени во Комплексот клиники „Мајка Тереза“ во Скопје за укажување лекарска помош.
По несреќата на местото бил извршен увид од екипа на СВР Куманово. По наредба на јавен обвинител, 65-годишниот возач на „мерцедесот“, М.М., бил лишен од слобода.
Од полицијата информираат дека по целосното документирање на случајот против него ќе следува соодветна пријава.
На местото на несреќата интервенирале и петмина пожарникари од Територијалната противпожарна единица, кои учествувале во расчистувањето и обезбедувањето на местото на тешката сообраќајка.








