Поранешната висока претставничка за надворешна и безбедносна политика на ЕУ, Федерика Могерини, објави изјава по вчерашното приведување на распит и обвиненијата што против неа ги поднесе Европското јавно обвинителство.
Могерини, заедно со уште двајца високи италијански функционери, е обвинета за измама, корупција, конфликт на интереси и оддавање професионална тајна, во врска со доделување на програмата за обука на млади дипломати на Колеџот на Европа, каде што таа е ректор.
Во својата изјава, Могерини повтори дека не е виновна: „Имам целосна доверба во судскиот систем и убедена сум дека ќе се утврди законитоста на постапките на колеџот“, се наведува во соопштението од прес-службата на универзитетот во Бриж, Белгија.
Таа истакна дека ќе продолжи да соработува со властите и очекува дека исправноста на активностите на Колеџот на Европа ќе биде потврдена пред суд.
















