Грбавиот кит Тими, кој со недели го следеше светската јавност по неговото насукување во германски и дански води, е пронајден угинат покрај данскиот остров Анхолт, потврди Данската агенција за заштита на животната средина.
Конечната идентификација била извршена преку уредот за следење што бил прикачен на животното, со што официјално е потврдено дека станува збор за истиот кит кој претходно беше центар на голема спасувачка акција.
Тими предизвика огромно внимание откако се насука во плитки води кај германскиот брег, а бројни служби, експерти и приватни донатори се обидоа да го спасат и да го вратат во отворено море. По неколку неуспешни обиди на локалните власти, приватна иницијатива финансирала транспорт со баржа кон Северното Море, иако дел од експертите предупредувале дека китот е премногу исцрпен и во лоша здравствена состојба за да го преживее таквиот потфат.
Според германските медиуми, сериозни сомнежи се појавиле околу начинот на кој било извршено ослободувањето. Дел од учесниците тврдат дека китот бил пуштен предвреме, во област со интензивен бродски сообраќај, наместо во побезбедна зона подлабоко во Северното Море.
Ветеринарни експерти дополнително изразиле загриженост дека животното можеби било изложено на непотребен стрес во последните денови, а некои сметаат дека природниот тек можеби бил похуман исход отколку ризичниот транспорт.
Данските власти засега немаат планови за отстранување на телото, бидејќи се наоѓа далеку од населени плажи и не претставува непосредна опасност.
Смртта на Тими отвори сериозна дебата за тоа колку далеку треба да одат спасувачките мисии кога станува збор за тешко повредени или исцрпени диви животни, особено кога шансите за преживување се минимални.







