ПРВ.мк
Свет

(ВИДЕО) Опасен вирус од комарци се шири на ова место – болниците преполни, на терен и војската

(ВИДЕО) Опасен вирус од комарци се шири на ова место – болниците преполни, на терен и војската

Шри Ланка се соочува со сериозна епидемија на денга треска, откако од почетокот на годината се регистрирани повеќе од 77.000 заразени и 56 смртни случаи. Само во текот на јули се пријавени повеќе од една четвртина од сите инфекции, поради што здравствениот систем е под силен притисок.

За да го спречат ширењето на вирусот, властите ја ангажираа армијата, која со беспилотни летала ги проверува покривите на куќите, училиштата и градилиштата во потрага по места со застоена вода, каде што се размножуваат комарците Aedes – преносители на вирусот.

Паралелно, полицијата спроведува инспекции на домовите, а само во текот на овој месец биле отстранети речиси 11.000 потенцијални жаришта за размножување на комарци. Над 4.000 сопственици на објекти биле казнети поради неодржување на околината.

Според Светската здравствена организација, денгата е една од најбрзо распространетите болести што ги пренесуваат комарци. Бројот на пријавени случаи во светот пораснал од околу 500.000 во 2000 година на 14,4 милиони во 2024 година, а климатските промени придонесуваат болеста да се појавува и во нови региони, вклучително и делови од Европа.

Најчести симптоми на денгата се висока температура, силна главоболка, болки во мускулите и зглобовите, гадење и осип. Во потешките случаи може да дојде до внатрешно крварење и животозагрозувачки компликации.

ВИДЕО

Најпогодени во Шри Ланка се Коломбо и другите урбани средини, каде болниците обезбедија дополнителни кревети и го продолжија работното време. Властите разгледуваат можност за поширока примена на вакцини, но експертите предупредуваат дека развојот на ефикасна заштита е сложен поради постоењето на четири различни соеви на вирусот.