Пекинг направи преседан – Националната комисија за развој и реформи наложи поништување на аквизицијата на стартапот за вештачка интелигенција „Манус“, вредна над 2 милијарди долари, која ја склучи американскиот технолошки гигант Мета.
Одлуката доаѓа во момент кога Кина го засилува надзорот врз странските инвестиции во домашни компании што развиваат напредни технологии. Целта е да се спречи одлив на таленти и интелектуална сопственост кон американски корпорации, особено во услови кога Вашингтон го ограничува пристапот на кинеските фирми до напредни чипови.
Според „Ројтерс“, коосновачите на „Манус“ – Сјао Хонг и Џи Јичао – биле повикани на разговори со регулаторите уште во март и им било забрането да ја напуштат земјата. Компанијата претходно собра 75 милиони долари од американскиот фонд „Бенчмарк“, а потоа ги затвори канцелариите во Кина и ги пресели операциите во Сингапур, без одобрение од властите.
Овој потег овозможи „Манус“ да се регистрира во Сингапур и да ги заобиколи ограничувањата на САД и Кина, но сега Пекинг бара целосно поништување на трансакцијата. Прашање е како ќе се спроведе забраната, со оглед дека компанијата веќе работи под капата на Мета во Сингапур.
„Трансакцијата беше целосно во согласност со важечките закони. Очекуваме соодветно решение за истрагата,“ соопштија од Мета.
Овој случај ја нагласува растечката геополитичка битка околу вештачката интелигенција и покажува дека Кина е подготвена да оди чекор понатаму во контролата на домашните технолошки ресурси.







