Амбасадата на САД во Москва упати безбедносно предупредување за можна закана во музејско-историскиот комплекс „Царицино“, наведувајќи дека располага со веродостојни информации за потенцијален инцидент со голем број жртви, кој би можел да се случи денеска во областа на овој комплекс.
Во известувањето објавено на веб-страницата на американската дипломатска мисија се посочува дека постојат информации за сериозна безбедносна закана. Од амбасадата информирале и дека американската влада ги координира мерките за реакција со надлежните руски институции.
Американските државјани се повикани денеска да не го посетуваат музејот, да се држат подалеку од неговата околина и да бидат особено внимателни на локации каде што има поголем број луѓе.
Од друга страна, претставници на музејот „Царицино“ изјавиле за телеграм-каналот „Mash“ дека немаат информации за каква било закана и дека установата продолжува да работи вообичаено.
Историски комплекс со површина од над 100 хектари
„Царицино“ е голем дворец, историски музеј и парковски комплекс лоциран во јужниот дел на Москва.
Изградбата започнала во 1776 година, по наредба на руската царица Екатерина Велика, која имотот го купила една година претходно.
Комплексот се простира на повеќе од 100 хектари и опфаќа големи зелени површини, каскадни езера, оранжерии и фонтана со светлосни и музички ефекти. Во рамки на дворецот се наоѓаат и историски музеј и галерија.
Засега нема официјални информации за конкретната природа на предупредувањето, ниту потврда дека е преземена некаква акција или дека се случил инцидент. Додека американската амбасада повикува на претпазливост, од музејот велат дека продолжуваат со редовната работа.








