ПРВ.мк
Свет

(ФОТО) ХАОС ШИРУМ ФРАНЦИЈА! Специјалните полициски сили распоредени на улиците, демонстрантите не може никој да ги смири - еве што е следно!

(ФОТО) ХАОС ШИРУМ ФРАНЦИЈА! Специјалните полициски сили распоредени на улиците, демонстрантите не може никој да ги смири - еве што е следно!

Околу 320.000 граѓани учествувале на протестите што денеска се одржаа низ Франција поради зголемените трошоци за живот и полициското насилство. Според податоците на француското Министерство за внатрешни работи, околу 70.000 демонстранти се собрале во Париз. Во повеќе градови полицијата употребила солзавец и водени топови за да ги растера насобраните граѓани.

Протестната поворка во Париз започнала во 14 часот од Порт де Бањоле, на источниот раб на градот, во 20-тиот арондисман. Движењето во почетокот минувало мирно, но состојбата почнала да се влошува кај Порт де Шарантон, во југоисточниот дел на Париз, каде што се наоѓала крајната точка на маршрутата, пренесува „Фигаро“.

Припадниците на француските специјални полициски единици CRS продолжиле да ги повикуваат демонстрантите да го напуштат подрачјето. Во неколку градови дошло до судири меѓу учесниците на протестите и полициските сили.

Во Лион, третиот по големина град во Франција, демонстрантите фрлале предмети кон полицијата, по што службениците употребиле солзавец за да ја растераат толпата.

Во Марсеј, според податоците на полициската префектура на департманот Буш-ди-Рон, во најголемиот момент на протестот имало околу 10.000 луѓе. Собирот не бил официјално пријавен, а поворката тргнала од Плоштадот на реформите. Речиси два часа поминале без инциденти, но околу 16 часот започнале тензиите, кога демонстрантите почнале да фрлаат предмети кон полицајците. Полицијата потоа интервенирала со употреба на сила.

На булеварот Шав полицијата повеќепати употребила солзавец. Подоцна демонстрантите се повлекле во близина на болницата Тимон, додека сообраќајот во тој дел бил прекинат.

Во Нант, полицијата ја растерала протестната поворка на островот Нант со солзавец. Во исто време биле блокирани мостовите, поради што учесниците не можеле да стигнат до централното градско подрачје. Синдикатите соопштиле дека на протестот учествувале околу 15.000 луѓе.

Во Тулуз, безбедносните сили употребиле воден топ за да растераат неколку илјади демонстранти, меѓу кои најголем дел биле млади лица. И овој собир не бил претходно пријавен.

Тензиите дополнително се зголемиле кон крајот на поворката, а дел од учесниците носеле маски по повод Ноќта на вештерките.

Трет викенд по ред со национални протести

Ова е трет викенд по ред во кој низ Франција се одржуваат национални демонстрации. Сепак, бројот на учесници бележи пад во споредба со претходните протести.

Француското Министерство за внатрешни работи соопштило дека минатата сабота на улиците низ земјата излегле околу 410.000 луѓе, додека на 17 октомври биле регистрирани приближно 550.000 учесници.

Демонстрантите протестираат поради растот на трошоците за живот и полициското насилство, а собирите во повеќе градови беа проследени со полициски интервенции и нарушување на јавниот ред и мир.

Најнови вести