Суд во Истанбул денеска ја продолжи мерката притвор за поранешниот градоначалник на Истанбул, Екрем Имамоглу, како и за уште 104 лица уапсени во март во рамки на голема антикорупциска истрага во Големата општина Истанбул, јави приватната телевизија „Халк ТВ“.
Имамоглу беше уапсен на 19 март под обвинение за корупција, а неколку дена подоцна градскиот совет го суспендираше од функцијата. Во истата истрага беа уапсени и повеќе општински службеници, а апсењата предизвикаа масовни протести, оценети како најголеми во Турција по 2013 година.
Во ноември, Истанбулското обвинителство поднесе обвинителен акт од речиси 4.000 страници, со кој бара до 2.400 години затвор за Имамоглу поради наводно создавање и водење организирана криминална група. Во документот се опфатени повеќе од 400 осомничени за учество во шеми за корупција вредни над 160 милијарди турски лири (околу 3,27 милијарди евра).

















