Владејачката партија ВМРО-ДПМНЕ реагираше по објавите во британските медиуми и по изјавите на СДСМ дека Владата подготвува договор со Обединетото Кралство за отворање центар за враќање мигранти во Северна Македонија.
Партијата категорично негира какви било разговори или планови за отворање мигрантски кампови и обвини дека СДСМ „измислува фантазии и хорор-сценарија“ за да создаде паника кај граѓаните. ВМРО-ДПМНЕ нагласува дека државата е безбедна, стабилна и водена од одговорна Влада.
„Да бидеме јасни: Македонија нема, не планира и не преговара за отворање мигрантски кампови. Ова е уште една лага од истата партија која пред неколку години молчеше пред најголемиот мигрантски бран и ја претвори државата во транзитна зона без контрола“, се наведува во реакцијата.
Партијата ги обвини СДСМ за распад на институциите и за нарушена безбедност и доверба во државата, додавајќи дека ваквите тврдења се обид да се креира страв меѓу граѓаните.
Воедно, ВМРО-ДПМНЕ се повикува на изјавата на британскиот амбасадор Лосон, кој во мај јасно отфрли такви тврдења, истакнувајќи дека соработката се однесува на полициска и разузнавачка соработка, а не на примање мигранти.
Од своја страна, СДСМ претходно ја повика Владата да објави евентуалните разговори со Британија и да даде одговор дали се подготвува Северна Македонија да стане „најголемиот мигрантски центар на Балканот“. Според нив, ваков центар би овозможил мигрантите да бараат азил или да се вработат во земјата, што партијата го оцени како опасно за државата.
Британските медиуми, пак, наведуваат дека Обединетото Кралство би платело на Македонија за секој прифатен мигрант и би обезбедило дополнителни инвестиции и безбедносна поддршка, додека мигрантите би можеле да бараат азил или работни визи и не би биле задржувани во притвор. Слични разговори се водат и со Косово, додека Босна и Херцеговина ги отфрлила понудите. Даунинг стрит не потврди ниту демантираше информации за овие центри.

















