Најпознатата нискобуџетна авиокомпанија во регионот, Wizz Air, најавува амбициозен план за претстојното лето со дури 17 проценти повеќе летови во однос на минатата година. И покрај ескалацијата на војната на Блискиот Исток и стравувањата дека Европа би можела да остане без гориво, првиот човек на компанијата, Јожеф Варади, е убеден дека небото ќе остане отворено, а пазарите на Балканот и Кавказ ќе бидат во центарот на нивниот раст.
Додека светот со загриженост го следи затворањето на Ормускиот Теснец од страна на Иран, што го блокира клучниот пат за транспорт на керозин кон Европа, Wizz Air веќе се заштити од финансиски шокови. Компанијата обезбеди залихи за 70 проценти од своите потреби, предвидувајќи дека енергетската криза ќе трае подолго. Варади смирува дека алтернативни извори од САД веќе се на пат, бидејќи високата цена на горивото ги мотивира танкерите да најдат нови патишта до европските аеродроми.
Сепак, патниците треба да бидат подготвени за новата реалност во авиосообраќајот. Иако резервациите се на рекордно ниво, просторот за маневрирање со цените е речиси потрошен. Извршниот директор признава дека високите трошоци за гориво ќе го диктираат поскапувањето на билетите уште долго по завршувањето на воените конфликти. Оваа криза е јасен сигнал за Европа да ја прекине зависноста од Блискиот Исток, но дотогаш, секој лет ќе биде битка со пазарните услови и ограничените капацитети кои би можеле дополнително да се намалат веќе од есен.








