ПРВ.мк
Свет

ТРАГЕДИЈА ВО КИЕВ: Експлозии го дигнаа градот од незаконски складирано оружје - ова е бројот на жртви!

ТРАГЕДИЈА ВО КИЕВ: Експлозии го дигнаа градот од незаконски складирано оружје - ова е бројот на жртви!

Украинскиот претседател Володимир Зеленски соопшти дека се идентификувани лицата кои, според властите, се одговорни за силните експлозии што го потресоа предградието Вишневе кај Киев, откако за време на руски ракетен напад беше погодено складиште со муниција.

Според Зеленски, дел од раководните лица во државниот одбранбен концерн „Укроборонпром“ прекршиле прописи дозволувајќи оружје и муниција да бидат складирани во близина на станбени објекти, наместо на посебно предвидени и безбедни локации.

Нападот се случи ноќта меѓу недела и понеделник, како дел од големото руско бомбардирање на Киев. Во експлозиите загинаа седум лица, а уште 29 беа повредени. Погоденото складиште предизвикало дополнителни секундарни експлозии, што ја зголемило опасноста и ги отежнало спасувачките операции.

Зеленски изјави дека Службата за безбедност на Украина (СБУ) ги утврдила главните одговорни лица, меѓу кои се директори на две државни компании поврзани со „Укроборонпром“, како и други функционери. Нивните имиња не беа објавени, но украинскиот претседател порача дека сите кои ги прекршиле правилата ќе одговараат.

„Во Украина постојат строго определени места за складирање оружје и муниција, кои мора да бидат оддалечени од станбени објекти. Познати се конкретните лица кои ги прекршиле овие правила и секој од нив мора да сноси одговорност“, изјави Зеленски.

Украинскиот претседател најави и поширока проверка на останатите компании од одбранбениот сектор, со цел да се утврди дали има слични пропусти и да се спречат нови трагедии.

Во меѓувреме, во Вишневе продолжуваат активностите за расчистување на последиците од нападот. Околу 300 припадници на службите за итни интервенции се ангажирани на терен, каде работат на санација и помош за жителите погодени од експлозиите.

Нападот врз Вишневе беше дел од поширокото руско бомбардирање на Киев, во кое, според украинските власти, вкупно загинаа 19 лица, а околу 90 беа повредени.