Доналд Трамп Помладиот, син на американскиот претседател Доналд Трамп, кон крајот на август престојувал во Монголија, каде што учествувал во лов со рускиот олигарх Умар Кремљов, човек со блиски врски со рускиот претседател Владимир Путин.
Според истражувањето на „Financial Times“, двајцата поминале два дена во ловечки камп во западниот дел на Монголија, придружувани од мал број водичи и помошен персонал.
Еден од учесниците во патувањето открил дека Трамп Помладиот и Кремљов избегнувале заедничко фотографирање.
Американски пари за обезбедувањето
Американската амбасада во Улан Батор потрошила 18.715 долари за хотелско сместување на агентите на Тајната служба, кои го обезбедувале претседателскиот син.

Кремљов, кој раководи со Меѓународната боксерска асоцијација, има долгогодишни врски со влијателни личности во Русија, а Путин лично го одликувал со Орден за пријателство.
Ловеле и загрозени животни

Според изјавата на еден од локалните водичи, Трамп Помладиот за време на престојот застрелал алтајски аргали – вид дива овца што се смета за загрозен.
По ловот, тој се сретнал и со монголскиот претседател Ухнагин Хурелсух.
Предупредување од поранешен функционер на ЦИА
Американски безбедносни експерти изразиле загриженост поради контактите меѓу синот на претседателот и рускиот олигарх.
Поранешниот висок функционер на ЦИА, Ден Хофман, предупредил дека е речиси невозможно Кремљов да одржува контакти со семејството Трамп без руските разузнавачки служби да бидат запознаени со тоа.
Претставник на Трамп Помладиот, пак, тврди дека Кремљов е негов личен пријател и дека ги поврзуваат исклучиво боксот и ловот, без какви било деловни односи.
Претходно, „ProPublica“ објави дека Кремљов платил дел од трошоците за свадбената прослава на Трамп Помладиот, вклучувајќи изнајмување приватен остров и огномет.











