Американските власти укинале визи на 27 лица, главно државјани на Филипините, меѓу кои и лица поврзани со екипажот на бродови на „Disney Cruise Line“, по сомнеж за вмешаност во активности поврзани со материјали за сексуална злоупотреба на деца, соопштила Службата за царина и гранична заштита на САД (CBP).
Според информациите на CBP, операцијата била спроведена на осум крузери кои биле во пристаништето Сан Диего. По преземените мерки, сите лица опфатени со случајот биле вратени во нивните матични земји.
Агенцијата не објавила на кои конкретни бродови работеле лицата, ниту дали меѓу нив имало и патници, пренесува АП.
Од компанијата „Disney Cruise Line“ соопштиле дека строго спроведуваат политика на нулта толеранција кон какви било незаконски активности и дека целосно соработуваат со надлежните органи. Во нивната реакција се наведува дека поголемиот дел од лицата опфатени со случајот не биле директно вработени во компанијата, а оние кои биле поврзани со неа – биле веднаш отпуштени.
Од организациите за заштита на правата на работниците и мигрантите изразиле загриженост поради недостигот на детали околу случајот, како и околу правниот статус на засегнатите лица, барајќи поголема транспарентност од американските власти.
Од CBP појасниле дека укинувањето на виза не бара задолжително постоење на кривична пријава, туку може да се заснова и на безбедносни проценки или сомнежи поврзани со имиграциски правила.






