Поранешниот израелски шпион Џонатан Полард изнесе контроверзни ставови за можните идни конфликти на Блискиот Исток, тврдејќи дека Израел треба да се подготви за потенцијална војна со Турција и Египет.
Во разговор за израелскиот медиум „Аруц Шева“, Полард се осврна на геополитичките тензии во регионот, особено во контекст на Голанската Висорамнина и ситуацијата во Сирија. Според него, евентуалното враќање на сириската контрола врз оваа територија би можело да доведе до приближување на Турција до границите на Израел.
„Не сум сигурен дека ќе имаме толку лесна работа со Турција како што имавме со Иран. Ја следам нивната воена доктрина – бурата доаѓа“, изјави Полард.
Тој дополнително нагласи дека членството на Турција во НАТО претставува дополнителен безбедносен предизвик за Израел, додавајќи дека земјата мора итно да ги реши прашањата поврзани со Иран и Хезболах.
Полард предупреди дека следниот голем конфликт би можел да вклучи токму Турција и Египет, иако изрази надеж дека до такво сценарио нема да дојде.
Инаку, Полард беше осуден на доживотен затвор во САД во 1987 година за шпионажа во корист на Израел, но беше ослободен во 2015 година по долгогодишен политички притисок. Од 2020 година живее во Израел, каде што беше пречекан од тогашниот премиер Бенјамин Нетанјаху.
Неговите изјави повторно ја отвораат дебатата за стабилноста на Блискиот Исток и можните идни безбедносни предизвици во регионот.









