По драматичниот бран од преку 1.000 земјотреси во последните две недели, Јапонија се соочи со нов удар – активниот вулкан Шинмое на југозападот од земјата изврши силна ерупција, испуштајќи густ облак од вулканска пепел високо до 5.000 метри.
Вулканската пепел се прошири над префектурите Кагошима и Мијазаки на островот Кјушу, при што властите го зголемија степенот на опасност на 3 од можни 5 и ги предупредија жителите да останат подалеку од огнената планина.
Ова е прва ерупција на вулканот од 2017 година, а најголемата забележана висина на пепелта последен пат беше во 2018 година.
Покрај ерупцијата, најсилниот земјотрес во последниот период имаше јачина од 5,5 степени и се случи на 10 километри длабочина во префектурата Кагошима.
И покрај драматичната ситуација, засега нема издадено предупредување за цунами, ниту извештаи за повредени или материјални штети, но јапонските служби внимателно ја следат еволуцијата на природната опасност.