Воздушниот сообраќај повторно е во голема криза – Кроација ерлајнс најави дека во следниот квартал ќе откаже околу 900 летови, што претставува пет проценти од вкупно планираните 27.000 операции. Причината е драстичното зголемување на цените на горивото, предизвикано од конфликтот на Блискиот Исток.
Само во мај, авиокомпаниите ширум светот откажаа над 13.000 летови, што значи дека два милиони седишта исчезнаа од распоредот. Ова е најголем удар врз авиоиндустријата од пандемијата на коронавирусот.
Славен Жабо, директор за комерцијални работи на Кроација ерлајнс, ја потврди сериозноста на ситуацијата: „Цената на млазното гориво се дуплираше од почетокот на кризата и порасна посилно од цената на сировата нафта. Сегашната цена ќе предизвика загуби од повеќе милиони долари за сите авиокомпании, вклучително и Кроација ерлајнс.“
Дополнителен удар за патниците ќе биде и зголемувањето на аеродромските такси. Аеродромот во Загреб најави поскапување од 20 проценти од 1 јуни, што директно ќе се одрази на цената на билетите преку патничкиот данок.
Со оваа комбинација од поскапено гориво и зголемени трошоци, патниците ќе се соочат со повисоки цени и намален број летови. Кризата уште еднаш покажува колку глобалната авиоиндустрија е чувствителна на геополитички потреси и колку брзо тие можат да го променат секојдневието на патниците.










