Четворица вработени на аеродромот во Франкфурт се заразиле со маларија, а германскиот Институт „Роберт Кох“ претпоставува дека инфекцијата била пренесена преку каснување од комарец од родот Anopheles кој најверојатно пристигнал во Германија со авион.
Според германските медиуми, сите заболени работеле во одделот за ракување со багаж на еден од најпрометните аеродроми во Европа.
Надлежните наведуваат дека станува збор за таканаречена „аеродромска маларија“, исклучително ретка појава во Германија, каде што најголемиот дел од случаите на маларија се поврзани со патувања во земји каде болеста е распространета.
Според податоците на Институтот „Роберт Кох“, во периодот од 1969 до 2024 година во светот биле регистрирани само 145 случаи на аеродромска маларија, од кои девет во Германија.
Здравствените власти предупредуваат дека поради реткоста на ваквите случаи, дијагнозата често се поставува со задоцнување, што може да го зголеми ризикот од компликации.
Во тек е истрага за да се утврдат точните околности под кои дошло до заразата, а лекарите се повикани во текот на летните месеци да ја земат предвид можноста за маларија кај лица кои работат на аеродроми, особено на интерконтинентални летови.







