Голем пожар ја погоди јужна Норвешка, при што беа уништени повеќе од 100 куќи, а стотици жители беа принудени да ги напуштат своите домови.
Огнената стихија избувнала во населбата Крокстаделва, во градот Драмен, недалеку од Осло. Според првичните информации, пожарот започнал во станбен дел, а поради силното ширење брзо зафатил и околната шума, што дополнително ја усложнило интервенцијата на пожарникарите.
Локалните власти организирале итна евакуација, при што повеќе од 400 луѓе биле сместени во привремен евакуациски центар. Засега нема информации за исчезнати или загинати лица.
Во акцијата за гаснење учествувале голем број пожарникари, а биле ангажирани и хеликоптери кои се обидувале да го локализираат пожарот од воздух.
И покрај целоноќната борба со пламените, екипите и денес продолжуваат со напорите за целосно ставање на пожарот под контрола. Надлежните институции сè уште ја истражуваат причината за избувнувањето на пожарот, додека првичните проценки укажуваат на огромна материјална штета и целосно уништени делови од погоденото подрачје.









