Според извештаи на Ројтерс, Кина наводно спровела тајна обука на околу 200 руски војници на своја територија, од кои дел подоцна биле вклучени во операции поврзани со војната во Украина.
Информациите се базираат на податоци од неколку европски разузнавачки служби, како и документи што ги анализирале новинари. Обуката, според наводите, била фокусирана на современи воени техники, особено употреба на беспилотни летала, електронско војување и други модерни тактики.
Договорот кој се поврзува со овие активности наводно бил потпишан во јули 2025 година и предвидувал обука на руски војници во различни воени центри во Кина, вклучувајќи локации во Пекинг и Нанџинг.
Според истите извори, обучените лица биле инструктори кои потоа требало да го пренесат стекнатото знаење во рамки на воената структура. Дел од нив подоцна биле идентификувани во операции со дронови во области како Крим и Запорожје.
Кина официјално ги отфрли овие тврдења, нагласувајќи дека останува неутрална и дека не учествува во воени активности, туку се залага за дипломатско решение на конфликтот.
Во меѓувреме, посетата на рускиот претседател Владимир Путин на Кина дополнително го засилува интересот на меѓународната јавност за односите меѓу двете земји и нивната стратешка соработка.









