Пожарите во Грција и натаму беснеат, а најтешка е состојбата во западниот дел на Атика, каде што огнената стихија трет ден по ред се шири кон населените места.
Според грчките власти, пожарот веќе се приближил до населбата Агија Скепи, додека пожарникарите вложуваат максимални напори за да го спречат неговото ширење кон Псата.
Во акциите за гаснење се ангажирани околу 450 пожарникари, потпомогнати од седум противпожарни авиони и голем број копнени екипи. Властите остануваат во состојба на зголемена готовност поради екстремно високата опасност од нови пожари, предизвикана од високите температури и силниот ветер.
Во регионите Атика, Беотија и Евија и понатаму е на сила портокалово предупредување, а според досегашните проценки, пожарите во Атика и Беотија уништиле повеќе од 111.000 хектари шуми и земјоделски површини.
Паралелно продолжува и истрагата за трагичната несреќа што се случи во неделата за време на гаснењето на пожарот во областа Псата, кога се судрија два противпожарни хеликоптери од типот „Бел“.
Во несреќата загинаа дански пилот и грчки координатор, додека британски пилот и неговиот грчки колега од вториот хеликоптер се здобија со повреди.
По наредба на обвинителството, грчката полиција собира докази за да ги утврди причините за судирот.
Грција годинава се соочува со една од најтешките противпожарни сезони во последните години, а метеоролозите предупредуваат дека временските услови и натаму ќе ја отежнуваат борбата со огнената стихија.






