ПРВ.мк
Свет

Скандал во елитен ресторан: Во десертите пронашле илјадници мравки

Скандал во елитен ресторан: Во десертите пронашле илјадници мравки

Сопственик на ресторан со две „Мишелин“ ѕвезди во Јужна Кореја се соочува со можност да добие едногодишна затворска казна, откако обвинителите го обвинија дека користел мравки како декорација во десерти, пренесува Би-би-си, повикувајќи се на локални медиуми.

Покрај затворската казна, обвинителството побарало и парична казна од 20 милиони вони (околу 11.800 евра).

Случајот бил откриен откако инспектори од Министерството за безбедност на храната пронашле фотографии и рецензии од гости на интернет, на кои се гледале десерти украсени со мравки. Според истрагата, во изминатите четири години во ресторанот биле употребени околу 49.000 мравки, увезени од САД и Тајланд.

Дополнително, здравствените власти соопштиле дека користените мравки содржеле значително повисоки нивоа на тешки метали во споредба со типичните инсекти дозволени за исхрана.

Сопственикот не негира дека мравките биле користени, но тврди дека тие се ставале само на мал број сорбети како декоративен елемент и дека гостите можеле да изберат и верзија без нив, заменета со јадливи цвеќиња или ферментиран оцет.

Судските документи не го откриваат името на ресторанот ниту на сопственикот. Инаку, во Јужна Кореја само десет ресторани имаат по две „Мишелин“ ѕвезди.

Конечната пресуда во случајот се очекува да биде објавена на 2 септември.