ПРВ.мк
Свет

Франција и Германија со нов план што може да го забрза членството!

Франција и Германија со нов план што може да го забрза членството!

Франција и Германија излегоа со нова иницијатива која има за цел да го забрза процесот на европска интеграција на земјите од Западен Балкан и другите кандидати за членство во Европската Унија.

Предлогот беше претставен во пресрет на Самитот ЕУ–Западен Балкан и предвидува постепено вклучување на кандидатите во одредени европски механизми уште пред нивното формално зачленување во Унијата.

Според концептот, државите што покажуваат напредок во реформите и ги исполнуваат европските критериуми би можеле порано да добијат конкретни придобивки. Меѓу нив се можност за подобар пристап до европскиот пазар, учество на одредени состаноци со европските институции и набљудувачки статус во дел од телата на Европската Унија.

Франција и Германија сметаат дека актуелниот пристапен процес е премногу сложен и административно оптоварен, поради што предлагаат поголем акцент да се стави на реалните резултати од реформите, наместо на формалните процедури.

Новиот модел предвидува интеграцијата да се одвива преку посебни фази или „градежни блокови“, прилагодени на напредокот на секоја држава поединечно. Воедно, документот предвидува можност одредени придобивки да бидат суспендирани доколку земјата кандидат назадува во реформските процеси или ги прекршува основните принципи на Унијата.

Меѓу предложените механизми се и почести контакти со европските институции, заеднички парламентарни активности и присуство на неформални состаноци на Советот на ЕУ.

Предлогот сега треба дополнително да биде разработен од страна на Европската комисија, која ќе подготви конкретни решенија за негово евентуално спроведување.