Бројот на луѓе кои живеат во сиромаштија во Германија достигна рекордно ниво од 2020 година наваму, покажува најновиот извештај на Германското здружение за социјална заштита „Paritätischer Wohlfahrtsverband“.
Според податоците, околу 13,3 милиони луѓе, односно 16,1 отсто од населението, живеат во сиромаштија или се изложени на ризик од сиромаштија. Во споредба со претходната година, стапката е зголемена за 0,6 процентни поени.
За лица изложени на ризик од сиромаштија се сметаат оние кои располагаат со помалку од 60 проценти од средниот нето приход. За самец тоа значи месечен приход под 1.446 евра, додека за четиричлено семејство прагот изнесува 3.036 евра.
Особено погодени се самохраните родители, кај кои стапката на сиромаштија достигнува 28,9 проценти, лицата кои живеат сами со 30,3 проценти, како и граѓаните со пониско образование.
Извештајот предупредува и на сè поголем ризик од сиромаштија кај пензионерите. Речиси секој петти жител постар од 65 години живее во сиромаштија или е изложен на таков ризик.
Најниски стапки на сиромаштија се регистрирани во Баварија и Баден-Виртемберг, додека највисоки се во Бремен, Саксонија-Анхалт, Хамбург и Берлин.
Според авторите на извештајот, четири од пет лица погодени од сиромаштија не се вработени, а голем број домаќинства се соочуваат со сериозни финансиски проблеми. За 6,9 проценти од населението приходите не биле доволни ниту за покривање на основните трошоци за живот, како струја, греење и неопходни апарати за домаќинството.
Социјалните организации предупредуваат дека дополнителните кратења на социјалните бенефиции би можеле уште повеќе да ја влошат состојбата и да го зголемат бројот на граѓани кои живеат во сиромаштија.










