Две лица го загубија животот, а уште две се тешко повредени по пад на мал авион во Австрија, соопштија локалните служби за итни интервенции.
Несреќата се случила во близина на местото Гаминг, во покраината Долна Австрија. Според информациите од полицијата, во авионот во моментот на падот се наоѓале четири лица.
Во несреќата животот го загубиле еден маж и уште едно лице чиј идентитет сè уште не е утврден. Друг маж и една жена се здобиле со тешки повреди, по што со хеликоптер биле итно транспортирани во болница.
Авионот паднал на непристапен и тежок терен, што дополнително ја отежнало интервенцијата на спасувачките екипи.
Засега нема официјални информации за тоа од каде летал авионот, која била неговата планирана рута, ниту што ја предизвикало несреќата.
Надлежните служби започнаа истрага за да ги утврдат сите околности што довеле до трагичниот пад на леталото.








