Мајкрософт развива вештачка интелигенција која може да поставува дијагнози со поголема точност од лекарите
Технолошкиот гигант Мајкрософт претстави нов систем со вештачка интелигенција кој би можел значително да го промени начинот на кој се откриваат и дијагностицираат болестите.
Според истражување објавено во престижното научно списание „Сајенс“, новата технологија покажала повеќе од двојно поголема точност од лекарите по општа медицина при решавање сложени медицински случаи во контролирани тестирања.
Системот, наречен MAI-DxO, функционира слично како медицински тим. Наместо веднаш да предложи дијагноза, вештачката интелигенција постепено ги анализира симптомите, поставува дополнителни прашања и одлучува кои медицински испитувања се потребни.
На тестирањето со 304 сложени медицински случаи, системот постигнал точност од 83 проценти, додека лекарите кои користеле медицинска литература и интернет постигнале околу 36 проценти.
Истражувачите откриле и дека технологијата може поефикасно да ги избира потребните испитувања, со што потенцијално би се намалиле непотребните трошоци.
За разлика од досегашните системи, кои најчесто ги анализираат сите информации одеднаш, новиот модел го следи целиот дијагностички процес чекор по чекор.
Тој користи симулиран тим од медицински експерти кои ги разгледуваат можните дијагнози и ги приспособуваат заклучоците според новите резултати.
Сепак, научниците нагласуваат дека резултатите се добиени во контролирани услови, а не при самостојно лекување вистински пациенти.
Мајкрософт најавува дополнителни испитувања во соработка со медицински установи во САД, со цел да се утврди колку технологијата е сигурна во секојдневната клиничка практика.
Главната цел е вештачката интелигенција да им помага на лекарите побрзо да откриваат болести, а не да ја замени нивната професионална проценка.









