Во значаен правен пресврт, суд во Италија донесе конечна пресуда со која на едно четиригодишно дете му се признаваат тројца законски родители — двајца татковци и една мајка. Одлуката ја донесе Апелацискиот суд во Бари и веќе се смета за една од најнеобичните во европското семејно право.
Случајот се однесува на дете родено во Германија, кое живее со двајца мажи во истополов брак. Еден од нив е биолошкиот татко, додека другиот партнер, кој поседува италијанско и германско државјанство, го има законски посвоено детето според германските прописи. Мајката на детето е блиска пријателка на парот и е дел од заедничкиот родителски договор.
Кога случајот бил пренесен во Италија, локалните институции првично го одбиле барањето за признавање на посвојувањето, сомневајќи се дека зад ситуацијата стои недозволено сурогатство, кое во Италија е строго забрането. Сепак, судот во Бари ги поништи тие сомнежи, утврдувајќи дека не постои никаков сурогат-договор и дека станува збор за реална семејна структура.
Адвокатката која го застапува еден од родителите истакна дека судот го препознал суштинското — дека три лица заеднички и свесно се посветени на родителството кон исто дете.
Иако пресудата е донесена уште во јануари, таа сега станува јавна и предизвикува силни реакции во општеството, особено кај конзервативните кругови. Случајот повторно ја отвора дебатата за современите форми на семејство и границите на традиционалното семејно право во Европа.










