ПРВ.мк
Свет

ОBA Е ПЕКОЛНИОТ АВТОПАТ НА КОЈ ВОЗАЧИТЕ НОСАТ ПАНЦИРИ: „Ако не е прашање на живот или смрт, не одете“

ОBA Е ПЕКОЛНИОТ АВТОПАТ НА КОЈ ВОЗАЧИТЕ НОСАТ ПАНЦИРИ: „Ако не е прашање на живот или смрт, не одете“

Запалени камиони, дронови над главите и постојан страв за сопствениот живот – вака изгледа патувањето по копнениот коридор што ја поврзува Русија со Крим преку окупираните делови на јужна Украина.

По уништувањето на патниот дел од Кримскиот мост, според извештаите на странските медиуми, руските возачи се принудени да користат алтернативна рута долга околу 630 километри, која минува низ воена зона.

Патот, кој Москва го нарекува „Новорусија“, претставува важен коридор за снабдување на руските сили, поради што е изложен на чести украински напади.

„Она што го видовме беше прилично апокалиптично. Камиони во пламен и дронови над нашите глави. Не би го препорачал тоа патување“, раскажал еден од патниците.

Возачите носат панцири

На социјалните мрежи се споделуваат предупредувања за опасностите од патувањето, особено во текот на ноќта.

„Ако не е прашање на живот или смрт, не одете“, гласи предупредувањето објавено во една популарна група на Телеграм.

Дури и руската државна телевизија ја признава опасноста на оваа сообраќајница, по која, според нејзините податоци, дневно минуваат до 20.000 возила.

Возачите на камиони раскажуваат дека носат панцири и опрема за прва помош, стравувајќи дека секое патување може да заврши трагично.

Дмитриј, возач на камион од Ростов, размислувал да ја напушти работата поради опасноста, но финансиските обврски го принудуваат да продолжи.

„За роденден минатиот месец добив тактички комплет за прва помош. Наздравив со желба никогаш да не морам да го употребам“, раскажал тој.

Киев тврди дека цел на нападите е руската воена логистика, а не цивилните возила.