Вулканот Етна на Сицилија веќе седми ден по ред е во континуирана еруптивна активност, што претставува невообичаено долг период во споредба со повеќето ерупции регистрирани во последните децении.
Директорот на Опсерваторијата „Етна“ при италијанскиот Национален институт за геофизика и вулканологија, Салво Гамбино, вели дека слична појава била забележана кон крајот на 1970-тите години.
Во последните децении активностите на Етна најчесто траеле од неколку часа до половина ден, додека сегашната ерупција продолжува веќе една недела. Според Гамбино, тоа може да укажува на магма која се издига од поголема длабочина и е богата со гасови.
Засега нема непосредна опасност за населените места, но вулканската пепел создава сериозни проблеми во воздушниот сообраќај. Јужните ветрови го носат облакот кон аеродромот во Катанија, поради што се воведуваат ограничувања на летовите.
Истовремено, спектакуларните сцени привлекуваат голем број посетители. Зголемениот интерес предизвикал сообраќаен метеж на патиштата и патеките што водат кон местата од каде може да се набљудува ерупцијата.
Локалните водичи предупредуваат дека дел од туристите се приближуваат до нестабилни падини и апелираат вулканската активност да се набљудува само од безбедни локации и со стручна придружба.









