Околу 2,4 милиони девојчиња во Авганистан во моментов се исклучени од средното образование поради ограничувањата воведени од талибанските власти, предупредува УНЕСКО.
Организацијата на Обединетите нации предупредува дека ситуацијата би можела дополнително да се влоши и дека до 2030 година речиси четири милиони девојчиња би можеле да останат без можност да продолжат со образованието.
„Жените се избришани од јавниот живот, и како што нова генерација девојчиња расте без образование, нивната иднина станува сè потемна“, се наведува во соопштението на УНЕСКО.
Авганистан е единствената земја во светот во која на девојчињата и жените им е забрането образование по завршувањето на основното училиште.
Откако талибанците повторно ја презедоа власта во 2021 година, правата на жените беа драстично ограничени. Девојчињата не можат да посетуваат средни училишта, а жените немаат пристап до универзитетско образование и во голема мера се исклучени и од пазарот на труд.
УНЕСКО оценува дека ваквите ограничувања претставуваат сериозно кршење на човековите права, но предупредува и на долгорочните економски и социјални последици за целата земја.
Во услови кога речиси половина од населението живее под линијата на сиромаштија, ограничувањето на образованието и вработувањето на жените дополнително ја намалува нивната можност да ги издржуваат своите семејства и да придонесуваат за економијата.
Според проценките на УНЕСКО, Авганистан би можел да изгуби околу 9,6 милијарди долари приходи до 2066 година како последица на ограничувањата во образованието и учеството на жените на пазарот на труд.
Организацијата предупредува и дека девојчињата кои остануваат без образование се изложени на поголем ризик од бракови на помлада возраст.
УНЕСКО во меѓувреме спроведува алтернативни програми за образование во Авганистан. Од 2021 година во нив учествувале повеќе од 69.000 лица, од кои околу 70 проценти се девојчиња и жени.







