ПРВ.мк
Свет

Аларм за НАТО: Русија изгради мрежа од бази за дронови со дострел до Европа

Аларм за НАТО: Русија изгради мрежа од бази за дронови со дострел до Европа

Русија изградила или значително проширила најмалку 10 бази за беспилотни летала во близина на Украина и Белорусија, покажува истрага на британски „Телеграф“, базирана на сателитски снимки, документи и анализа на специјализираната компанија DroneSec.

На идентификуваните локации биле забележани најмалку 59 шини за лансирање дронови, од кои околу 20 се доволно долги за употреба на најновите руски беспилотни летала со долг дострел. Некои од објектите се изградени на поранешни воени бази и аеродроми, а други во рурални области.

Според истрагата, седум од десетте локации веќе биле користени при неодамнешни напади врз Украина, вклучително и при удари кон Киев. Новата инфраструктура ѝ овозможува на Русија да лансира поголем број дронови истовремено и од позиции поблиску до украинската граница.

Посебно внимание привлекуваат новите модели „Геран-4“ и „Геран-5“. Според украинските податоци цитирани во истрагата, „Геран-5“ може да носи борбена глава од околу 90 килограми и има деклариран дострел од приближно 1.000 километри. Од дел од новите бази, таков дострел теоретски би можел да ја стави и Варшава во домет.

Основачот на DroneSec, Мајк Моник, оценува дека Москва значително ја проширува инфраструктурата првенствено за нападите врз Украина, но дека истите капацитети во потенцијален иден конфликт би можеле да претставуваат закана и за членките на НАТО.

Сепак, „Телеграф“ нагласува дека засега нема докази дека Москва подготвува конкретен напад врз Полска или друга земја членка на НАТО.